Почнува плејофот: МЗТ е апсолутен фаворит против Куманово

Со денешните дуели МЗТ Скопје – Куманово и Работнички – Карпош соколи (двете во 19 часот) и официјално стартува плејофот во кошаркарскиот шампионат и битката за тронот што со години наназад е резервиран за МЗТ. „Металците“ со скорот од девет победи и еден пораз во Супер-лигата гласно ја истакнаа својата кандидатура за титулата и во оваа сезона, а прв ривал во плејофот ќе им биде Куманово, клубот со кого лани се сретнаа во големото финале.

Самиот пласман во полуфиналето е огромен успех за кумановци, кои среде сезона останаа без капитенот Костоски, а непосредно пред стартот на Супер-лигата ги напушти и најдобриот кошаркар Данило Мијатовиќ, кој се пресели токму во редовите на МЗТ Скопје. Токму поради тоа актуелниот вицешампион како аутсајдер патува во Скопје, иако избраниците на тренерот Србиновски сигурно ќе сторат се што можат за да приредат изненадување во СЦ „Јане Сандански“.

„Реално, според досега одиграното нам ќе ни биде потребно чудо за да стигнеме до шампионската титула. Тоа е непобитен факт со оглед на тоа дека ние имаме само седум играчи во ротација, па и заморот нè стигна. Знаете кој сè замина и што се случуваше изминатиот период, а тука има удел и предноста на домашниот терен. Но, тоа не значи дека ние ќе се предадеме предвреме, ние ќе се обидеме да направиме сè што можеме“изјави капитенот на Куманово, Димитар Караџовски.

Тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор, за овој дуел нема да може да смета на услугите на Марко Симоновски и на Љубомир Младеновски, а во аут се уште е и Стефан Синовец, кој подолго време се мачи со повреда. МЗТ во последното коло од Супер-лигата славеше во Куманово со 61-80, но Назор очекува гостите овојпат да се прикажат во многу подобро светло.

Сигурен сум дека вечерашниот дуел ќе биде далеку понеизвесен и со поголем резултатски набој во однос на неодамнешниот дуел со Куманово во кој лесно дојдовме до победата на теренот на противникот. Најважна работа е како ќе влеземе во натпреварот. Ако имаме адекватен пристап од првата секунда, сигурен сум дека ќе го контролираме дуелот онака како што сакаме. Наша цел е да одиграме најдобро што знаеме и на нашите навивачи да им дадеме причини за радост и за славење, но и мотив да доаѓаат во уште поголем број во следните средби, бидејќи нивната помош и тоа како ќе ни биде потребна, вели Назор.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Куманово ќе се игра денеска во 19 часот во малата сала од СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...