Почнува ракометното ЕП – Германија ја брани титулата, Хрватска го сонува европското злато

ЕКИПА на ЕП во Хрватска

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Хрватска во наредните 16 дена ќе биде во фокусот на ракометна Европа. Европското ракометно првенство стартува денеска со дуелот во Сплит меѓу Исланд и Штедска (18.15 ч.) кој ќе го водат македонските судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски. Во истиот термин во Пореч ќе почне дуелот меѓу Белорусија и Австрија, а шлаг на вечерта на првиот ден од шампионатот е балканската класика Хрватска – Србија (20.30 ч.) во „Спаладиум Арена“.

Репрезентацијата на Македонија својот петти настап на европските шампионати, четврти по ред, го отвора утре во Загреб против Словенија предводена од Веселин Вујовиќ.

Од оние статистички податоци врзани за европските ракометни шампионати, Хрватска е единствената земја која по втор пат е домаќин на ЕП. Најдобрите ракометари на стариот континент играа во Хрватска во 2000 година, а 18 години подоцна овде повторно е на собир европската ракометна елита. Улогата на бранител на европската титула од претходното ЕП 2015 во Полска, ја има Германија, која е еден од противниците на Македонија во Ц групата во Загреб. Во кругот на фаворити за титулата секогаш е моќната Франција, европскиот вицешампион Норвешка, трофејната Данска и Хрватска како домаќин со Лино Червар на клупата. Сон на Хрватите е да го освојат европското „злато“, единствено што недостасува во колекцијата на поранешните светски и олимписки шампиони.

Но, иако играат на домашен терен и за ова ЕП се впрегнати сите сили и ресурси, вклучително и враќањето на Червар на клупата, „коцкестите“ ќе имаат силна конкуренција и пеколно тешка задача да бидат подобри од конкуренцијата со целиот товар на очекувањата како „златна“ врвка околу вратот.

На досегашните европски првенства, најтрофејни се Швеѓаните со вкупно четири титули, но сите со подалечен датум (1994, 1998, 2000 и 2002). Но, во последниве години неприкосновени владетели се Французите со три титули на европските шампионати (2006, 2010, 2014) и на ова ЕП важат за главни фаворити. По две европски титули имаат Данска (2008, 2012) и Германија (2014, 2016).

Во големото европско друштво, Македонија е по четврти пат по ред, во континуитет од 2012 година кога дебитираше во Србија и го освои историското 5.место. На наредните две првенства , ЕП 2014 во Данска и на ЕП 2016 во Полска, „црвено –жолтите“ се држеа блиску до водечките 10 (10.место на ЕП 2014, 11.место на ЕП  2016) но, и во двете изданија, далеку од дебитантскиот успех.

Може ли тоа да се смени шест години подоцна на новото европско првенство на балканско тло?

Желбите и очекувањата во македонската јавност секогаш се оптимистички, но реалните параметри во прогнозите пред ЕП повторно ја сместуваат македонската репрезентација меѓу 10 и 12 место. Главни адути на Македонија се искуството и воиграноста на тимот, поддршката од публиката која како и на претходните настапи, се очекува и овде во Загреб да дојде во голем број и Раул Гонзалес на клупата. Шпанскиот тренер кој минатата сезона со Вардар ја освои титулата во ЛШ, ќе ја предводи Македонија во своето селекторско деби на ЕП. Врвната тактичка подготвеност му е специјалност на „ел команданте“, а синергијата меѓу искуството и младоста што ја направи во македонскиот состав, реално ја подгреваат надежта дека Македонија на ова ЕП доаѓа подготвена како никогаш досега.

Првата цел е пласман во втората фаза на ЕП, за што е потребно да се освои едно од првите три места во групата Ц во која противници ни се Словенија, Црна Гора и Германија и по можност да се пренесе некој бод во втората фаза во Вараждин во која првите три репрезентации од групата Ц ќе вкрстат со првите три од групата Д (Шпанија, Унгарија, Данска и Чешка). Понатаму, одиме чекор по чекор, како што велат во македонскиот состав.

Се вчитува...