ПОД ОБРАЧ со Диме Тасовски: Најтежок за чување ми беше Перо Блажевски, никогаш не заиграв за МЗТ Скопје…

Македонската кошарка од следната сезона ќе биде ‘покуса’ за едно легендарно име откако Диме Тасовски по 25 години поминати на паркетите ширум Македонија одлучи да ги ‘закачи’ патиките и да стави крај на својата блескава кариера.

Тасовски почна да ги полни кошевите на прволигашката сцена во далечната 1998 година во дресот на Жито Вардар, клубот од неговиот роден крај, а заврши како едно од најголемите имиња кои го носеле дресот на Гостивар.

„За кошарката ме поведоа моите другари кои во тоа време играа само кошарка во Велес. Јас започнав релативно доцна во средно школо на 16, 17 години, па се извишив некои десет сантиметри во летниот период и тука започнаа муабетите зошто не почнеш да тренираш кошарка и оттаму тргна целата приказна. Одев по кампови кои во тоа време ги имаше повеќе отколку сега, вложив многу труд и стигнав далеку“, го започна ветеранот разговорот за ЕКИПА.

Тасовски во својата богата кариера смени десет клубови во кои имаше можност да работи со едни од најголемите тренерски имиња во мак-баскетот. Како што вели крилниот играч, секој од нив има своја заслуга за ‘крајниот продукт’, а едни од нив се и Анте Дуковски и Марјан Лазовски.

„Не би било благодарно да издовјувам тренери, ги почитувам сите со кои што сум соработувам и не можам ни да кажам замерки за некој. Некои од нив како Анте Дуковски и Маки Лазовски несреќно ги загубивме со коронавирусот. Нека почиваат во мир. Благодарам сум им на сите кои работеле со мене. Секој имаше свој удел“

Поранешниот играч на Жито Вардар, Вардар, Работнички, Струмица, Политехника, Трепча, Фени Индстури, Лирија и Гостивар, богатата кариера ја закити со пет трофеи во Првата лига за кои два пати беше прогласен за МВП, по еден Суперкуп и Куп трофеј, како и титула во БИБЛ лигата. Како што вели велешанецот секој од нив има свој драж, но…

„Секој трофеј има своја вредност, но доколку веќе издвојувам, како најдраги би ги издвоил последната титула со Работнички и таа со Фени Индустри во БИБЛ лигата“

Во 25 годишната кариера Тасовски на паркетот заигра рамо до рамо со многу врвни кошаркари, но настапи и против многу квалитетни противници, а меѓу оние кои му оставија најголем впечаток се легендите на македонската кошарка.

„Секоја генерација има добри играчи и навистина е тешко да издвојувам. Никогаш не сум бил некој предобар дефанзивец, но дефинитивно некој кој што ми било најтешко да го чувам е Перо Блажевски, а тука се и Ѓорѓе Војновиќ и Александар Књазев. Некој со кој што сум имал најдобра соработка тоа е Тони Симиќ со кој игравме долги години заедно во Работнички и Лирија и до ден денеска сме многу блиски. Тука е и мојот доскорешен соиграч Ивица Димчевски со кој имавме и несогласици пред подобро да се запознаеме“, низ смеа вели Тасовски.

Диме Тасовски ќе остане запишан во македонската кошарка како еден од ретките кои во својата кариера го носеше дресот на само еден од вечните ривали. Но, како што открива поранешниот кошаркар на Работнички, работите можеле да бидат и поинакви.

„Имаше контакти со МЗТ Скопје, но некако се прекина ланецот на тие контакти и за жал никогаш не завршив во редовите на МЗТ. По некоја случајност пак после две недели потпишав за Работнички“

Легендата на мак-баскетот е и повеќе од потребен на нашата кошарка, а навистина радува фактот дека Тасовски сака да продолжи со овој спорт.

„Се надевам и сакам да останам во кошарката, меѓутоа тоа е нова бранша и нов предизвик. Почнувате од почеток така да се надевам дека ќе се најдам и таму“

Многу работи се сменети од деведесеттите до сега, а една од нив е и залагањето на младите играчи. Искусниот кошаркар има и совет за младите кои започнуваат со овој спорт.

„На младите би сакам да им препорачам да почнат да тренираат посериозно. Последниве неколку години поминав со многу млади и не ме радува тоа што се задоволуваат со некое место во екипата без разлика дали е загарантирано или незагарантирано. Се надевам дека ќе почнат подобро да тренираат и да имаат поголеми амбиции за да направат нешто. Навистина имаме талентирани деца, но ќе дојдат до некоја граница и застанува нивниот прогрес. Треба да се издржи тој процес. Им порачувам дека со многу вложен труд ќе успеат да го постигнат тоа што го сакаат“.

Се вчитува...