Зинедин Зидан изненади многумина со одлуката да се врати назад во Реал Мадрид, а уште поизненадувачка беше информацијата дека Флорентино Перез го убедил Зизу на камбек ветувајќи му целосна власт при трансферите. Флорентино важи за претседател што строго го контролира пристигнувањето на нови фудбалери, затоа и се чинеше невозможно да се согласи на вакво нешто… па беше само прашање на време кога ќе се појави првиот конфликт на релација тренер – управа.
Пол Погба е причината поради која Зидан и Перез влегоа во „клинч“, откако првиот човек на клубот јасно му стави до знаење на својот тренер дека нема намера да плаќа богатство за проблематичен фудбалер. Сепак, последните информации велат дека Погба не е единствениот проблем во таборот на „кралскиот клуб“.
Нејмар останува голема желба на Флорентино Перез, но Зидан не сака ни да чуе за ангажман на бразилската суперѕвезда. Реал би морал да плати 200 милиони евра, но и да понуди астрономска плата со што би се нарушиле односите во соблекувалната, како и авторитетот на самиот тренер.
Тука е и голманскиот проблем, што Перез самиот го создаде минатото лето доведувајќи го Куртоа, без претходно да го продаде Кејлор Навас. Зидан останува фан на Костариканецот и сака да го продаде белгискиот чувар на мрежата, но тоа би значело признавање на грешката од страна на претседателот.
Јасно е, не е лесно да се биде дел од Реал Мадрид сезонава, кога беа загубени буквално сите битки за трофеи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА