Погба: На ЕВРО 2016 бевме премногу самоуверени, ја научивме лекцијата

Пол Погба имаше зад себе разочарувачка сезона во дресот на Манчестер јунајтед, но францускиот ас со извонредните настапи на овој светски шампионат јасно покажа зошто важи за еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Голот за победа на премиерниот дуел против Австралија беше најава за неговиот одличен Мундијал, но Погба е свесен дека тоа нема да има преголемо значење, доколку денеска не биде направен последниот чекор кон светскиот фудбалски трон.

„Победата во финалето од Лигата на Европа е единствениот голем меч за трофеј што го имам триумфирано. Претходно загубив финале во ЛШ во 2015 со Јувентус, па финалето на ЕВРО 2016 со Франција, овие неуспеси оставија горчлив вкус што не сакам повторно да го почувствувам и ќе сторам се за денеска да се радуваме. Од мало дете сонувам да играм на светско првенство, да дадам гол во финалето, сега имам само една желба – да го кренам пехарот“ – изјави Погба.

Тој се наврати и на финалето од европскиот шампионат од пред две години, кога Франција играше на домашен терен против Португалија, но загуби со гол во продолженијата.

„Во полуфиналето ја победивме Германија и бевме полни со себе, уверени дека ќе победиме и ќе го кренеме трофејот. Преголемата самоувереност скапо ја чинеше Франција, тоа е грешка што нема да ни се повтори во ова финале. Добро ја анализиравме Хрватска, тие минаа тешка група, имаат играчи од светска класа. Денеска ќе има само еден победник, верувам дека тоа ќе бидеме ние“ – оптимистички е расположен Пол Погба.

Се вчитува...