Погба не само што нема да си оди, туку ќе има и нов договор со Манчестер Јунајтед

Пол Погба нема да го напушти Манчестер Јунајтед, а наскоро ќе почнат и преговорите за нов договор, најавува менаџерот на францускиот репрезентативец, Мино Раиола. 27-годишната ѕвезда која дојде од Јувентус за рекордни 89 милиони фунти се мачеше со повреди во текот на минатата сезона, имаше многу малку натпревари, но воодушеви на ре-стартот од првенството во кој Јунајтед се избори за третата позиција на конечната табела во Премиер-лигата.

„Погба нема да прифаќа понуди ова лето. Наскоро ќе разговараме за нов договор, нема никакви дилеми. Тој е клучен играч за Манчестер Јунајтед. Тие имаат голем проект и Погба 100 проценти е вклучен во него“ – изјави Раиола.

Договорот на Погба со Манчестер Јунајтед истекува следното лето. Тој имаше само осум настапи за клубот пред Премиер-лигата да ја суспендира сезоната поради пандемијата на коронавирусот. Откако се опорави од повредата на глуждот, Фрнацузинот одигра 14 натпревари и му помогна на Јунајтед да се пласира во четвртифиналето на Европа лигата и да обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона. Шпекулациите велеа дека за него се заинтересирани Реал Мадрид и Јувентус.

 

 

Се вчитува...