Покана од Погба: Јане Велковски ќе гледа Јунајтед -Севилја на „Олд трафорд“

Јане Велковски ќе има можност во живот да го проследи својот идол Пол Погба откако добил покана да биде гостин на францускиот фудбалер на претстојниот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите меѓу Манчестер јунајтед и Севилја, закажан за февруари 2018 година.

Велковски ги освои срцата на бројни фудбалски ѕвезди ширум светот како дел од кампањата „Еднакви на терен“ на УЕФА, а Погба во една од пораките на својот инстаграм профил му порача „Јане, се гледаме наскоро“. Како што откриваат неговите родители за порталот „Сакам да кажам“, 9-годишното дете добило и официјална покана за да биде дел од спектаклот на „Олд трафорд“.

Јане е возбуден што ќе гледа во живо натпревар на Манчестер Јунајтед и тоа во Англија, каде стадионите секогаш се полни до последно место и атмосферата е неверојатна. Пресреќен е што ќе го запознае Погба. Постојано го носи дресот кој го доби од него. Пред да одиме во Манчестер, прво имаме нова интервенција во клиниката во Париз, каде треба да му бидат продолжени имплантите кои пред две години му беа вградени во рбетниот столб. Од Париз ќе одиме во Манчестер“, вели Деница Велковска, мајка на 9-годишниот Јане за порталот „Сакам да кажам“.

Јане Велковски боледува од спинална мускулна атрофија. Во 2015. година Јане беше во Париз на операција за корекција на ‘рбетниот столб. Секои шест месеци оди на третмани со надеж дека така ќе му се зголемат шансите да почне да оди еден ден.

Јане е вистинска мала сензација во Македонија. Неговата популарност почна да расте кога за прв пат се појави како придружба на репрезентацијата на Македонија на квалификацискиот натпревар против Шпанија во јуни. Но, една слика од УЕФА Супер Куп натпреварот во Скопје неколку месеци подоцна, која беше вистински хит на социјалните мрежи и во локалните медиуми, навистина го привлече вниманието не само на домашната јавност, туку и на бројните фудбалски мегаѕвезди, предводени од Пол Погба.

Се вчитува...