Покетино и Алегри го меркаат местото на Зидан на „Сантијаго Бернабеу“

Сезоната на Реал Мадрид е турбулентна, а после секој пораз доаѓа најавата дека Зинедин Зидан ќе мора да си замине и на „Сантијаго Бернабеу“ ќе пристигне нов стратег по завршувањето на сезоната. Тоа најмногу зависи и од резултатите што ќе бидат остварени, „кралскиот клуб“ признава единствено титули, а Реал Мадрид е во непријатна ситуација по поразот од Манчестер Сити на домашен терен во осминафиналето на Лигата на шампионите и негативата од еден бод зад Барселона во Ла Лига. Доколку Зинедин Зидан не освои ниту еден трофеј освен оној во Суперкупот на Шпанија на стартот од сезоната, тогаш и дефинитивно ќе мора да замине.

Двајца кандидати очекуваат ваква разврска во Мадрид. Маурисио Покетино, кој ја одби Барселона и сака да седне на клупата на Реал откако се раздели со Тотенхем во текот на сезоната. Тој со себе најверојатно би го довел и Хари Кејн, англискиот репрезентативен напаѓач кој би бил одлично решение за навалната линија на „белите“.

Италијанскиот стратег Масимилијано Алегри е втората солуција за клупата на „кралевите“. Тој најави дека нема да преземе друг клуб до крајот на сезоната, се најавуваше како можен нов менаџер на Манчестер Јунајтед, но Оле Гунар Солскјер полека успеа да го исправи бродот на „црвените ѓаволи“. Алегри е докажан со освојувањето титули во Јувентус и еден од фаворитите на Флорентино Перез за наследник на Зинедин Зидан.

Се вчитува...