Полјаците го „шутнаа“ селекторот Навалка

Уште една селекторска „жртва“ падна денеска по мундијалскиот неуспех, откако беше обелоденето дека Адам Навалка повеќе не е селектор на Полска. Иако се наоѓаа во една од најлесните групи, Полјаците веќе во првите две кола ги загубија шансите за настап во осминафиналето, губејќи од Сенегал и од Колумбија. Утешната победа над Јапонија беше недоволна да се поправи впечатокот, па Навалка денеска и официјално ја прекина соработката со Полската Фудбалска Федерација.

„Адам Навалка останува селектор до 30 јули, а потоа ќе најдеме нов тренер“ – објави Збигњев Боњек.

Искусниот стратег си заминува од клупата на полската репрезентација по пет години работа, а под негово водство оваа селекција направи огромен чекор напред на големата сцена. Во квалификациите за ЕП 2016 Полјаците за првпат во својата историја ја победија Германија, потоа на шампионатот во Франција стигнаа до четвртфиналето, каде дури на пенали беа елиминирани од Португалија, која подоцна стана европски шампион.

Се вчитува...