Шкендија загуби со 2-1 од словенечки Браво во првиот натпревар од второто квалификациско коло на Конференциската лига на УЕФА.
Тетовци поведоа во 11. минута со голот од пенал на Ендрит Красниќи, но домашните успеаја да свртат сè со головите на Копатин и Станковиќ. И покрај поразот, Шкендија создаде неколку добри шанси за гол, додека квалификациите остануваат отворени за реваншот што се игра за една недела во Скопјe.
„Им честитав на момците за нивната изведба. Мислам дека одигравме одличен натпревар, натпревар со многу шанси против противник кој претходно го истакнавме, кој е исклучително тактички добро позициониран на теренот. Нормално, она што не функционираше, мислам, беше завршницата, бидејќи во моменти кога имате толку шанси пред голот, едноставно треба да се постигне гол. Сега дефинитивно мора да работиме на тоа бидејќи во европските купови секој гол е исклучително вреден, посебно на гостински терен“ – вели тренерот на Шкендија, Артим Положани.
Какви се шансите за пресврт на резултатот во Скопје?
„Во вакви натпревари на европска сцена нема сигурност за резултатот. Значи, дури и да бевме со попозитивен резултат од тука, практично во Скопјe ќе моравме да влеземе максимално за да го добиеме натпреварот. Значи, понекогаш овој негативен резултат е корисен и за поинаков пристап. Не дека ако резултатот беше позитивен немаше да влеземе со максимален пристап, но уште еднаш нагласувам дека ми е жал за момците бидејќи одиграа добар натпревар, ние продуциравме шанси, но реализацијата беше недоволна“.
Околу касното активирање на двајцата напаѓачи, Ибраими и Ѓорѓиевски…
„Видете, можеби сте во право…, можеби двајцата напаѓачи влегоа малку доцна, но нормално кога си во натпревар како овој, во натпреварување како ова, секогаш мораш да внимаваш на секој резултат. Но мислам дека практично во тие минути кога влегоа, противникот беше целосно назад во својата половина од теренот, па нормално е дека немаа многу допири со топката. Мислам дека на следните дуели ќе добијат повеќе минути“ – рече Положани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
