Полувреме: Еурофарм Пелистер ја „меле“ Татабања

Еурофарм Пелистер е на праг да ја забележи втората победа во четвртото коло од Лигата на Европа на ЕХФ откако македонскиот вицепрвак одигра извонредно прво полувреме против Татабања. По 30 минути игра резултатот во салата „Боро Чурлевски“ гласи 17-9, сосема реален исход по апсолутната доминација на избраниците на Жељко Бабиќ, бодрени од верната битолска публика.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на одличниот Табоада, кој со два брзи погодоци донесе водство од 3-2. „Пелистерци“ го контролираа резултатот, па потоа ја искористија предноста од играч повеќе и со голот на Мараш во 13. минута за првпат стигнаа и до два гола предност (7-5). Веќе во следната минута следеше гол на Мандалиниќ по за 8-5 по кој гостинскиот тренер Драган Ѓукиќ беше принуден да побара тајмаут.

Доминацијата на Еурофарм Пелистер продолжи, Мараш одговори со два гола во серија по тајмаутот. Мараш во 19. минута беше повторно прецизен, за водство од 11-6 за целосна надмоќ на битолчани во салата „Боро Чурлевски“. Нападот функционира беспрекорно, во ритам на голот е и голманот Секели, што овозможи предноста уште повеќе да се зголеми, па во 24. минута македонскиот тим по погодокот на Ојлески имаше двојно повеќе голови од противникот (14-7), за нов тајмаут на Ѓукиќ. Еурофарм Пелистер поведе и со 16-7, за на одмор да се замине со убедлива предност од 17-9, најава за нов триумф на битолскиот клуб на европската сцена.

Табоада и Мараш се најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер со по четири гола, три постигна Мандалиниќ, додека на голот одличен е Секели.

Се вчитува...