Полувреме: Разлика во класи, Македонија доминира

Македонската репрезентација има предност од убедливи 18-11 по првото полувреме од вечерашниот реванш со Словачка од баражот за пласман на СП 2027. „Црвено-жолтите“ имаат предност од седум гола од првиот меч а во ист ритам го продолжија и ова прво полувреме во кое целосно доминираа во однос на противникот и стигнаа до убедливо водство.

Натпреварот го почнавме со одлична одбрана на Мартин Томовски, по што на спротивната страна првиот гол го постигнавме преку Лазаревски. Доминацијата во однос на противникот беше очигледна, делувавме одлично во одбраната, шаренолико во нападот, што ни овозможи по нецелли десет миинути веќе да водиме со пет гола предност, откако Велковски биеше прецизно за 7-2.

Петар Атанасијевиќ во 12. минута погоди од крило за 9-3, по што словачкиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, Македонија продолжи да игра „по ноти“, па преку пивотот Самоил Ристески поведовме со 11-4. Костески беше прецизен за 12-4, но потоа дојде до мала криза што гостите ја искористија за да намалат на 13-8. Капитенот Кузмановски со својот петти гол ја прекина мини-серијата на гостите.

Лазаров побара тајмаут за Македонија при 16-9 во 27. минута, но повторно дојде до мала криза во нашата игра, противникот дојде до 16-11, но Македонија сепак на одмор замина со 18-11 по погодоците на Лазаревски и на Ѓоргиев.

Победата е осигурана, пласманот на СП 2027 исто така, но нема сомнеж дека нашите ракометари ќе одиграат во висок ритам и во преостанатите 30 минути, за со стил да го запечатат овој убедлив триумф.

Се вчитува...