Помошта почна да доаѓа: Пуштена струјата на Венцо Симоновски

Поранешниот фудбалер на Вардар и член на шампионската генерација, Венцислав Симоновски, нема веќе да живее во мрак и без електрична енергија. Денеска е платен долгот кон ЕВН и неговата скромна куќа повторно ќе добие струја, а во иднина треба да помогнат и сите други за тој да се интегрира во општеството и да почувствува дека не е напуштен.

Симоновски денеска беше посетен од Панче Ќумбев, претседателот на Синдикатот на фудбалери, и Саша Ќириќ, спортскиот директор на репрезентацијата, како претставник на ФФМ.

„Денес бевме во Делчево во посета на Венцо Симоновски. Јас како преставник од Синдикатот на фудбалери на Македонија, и Саша Ќириќ, како претставник од Фудбалската федерација на Македонија. Кичо се наоѓа во многу лоша здравствена и финансиска состојба. По разговорот со неговата снаа за брат која се грижи за него добивме информации и насоки на кој начин да му помогнеме. Со Саша планираме во најскоро време да ги собереме фудбалските ветерани и сите оние кои што сакаат да помогнат и да собереме средства за реновирање на куќата на Кичо и купување неопходни апарати за домаќинство. Во меѓувреме јас и Саша го подмиривме долгот кон ЕВН и после 4 години Кичо повторно ќе има струја во својот дом. Од страна на ФФМ, Кичо доби комплет спортска опрема“, објави Панче Ќумбев на социјалните мрежи.

Саша Ќириќ истакнува дека следната акција е Венцислав Симоновски да се интегрира повторно во друштвото и да му се помогне сеопфатно, со подобрување на неговите усливи за живеење.

„Денеска го посетивме Венцислав Симоновски во село Вирче, крај Делчево, во неговиот дом. Успеавме веднаш да обезбедиме повторно да му биде вклучена електричната енергија, увидовме дека неговата состојба и здравствена и финансиска е лоша, исто како и условите во кои живее. Следната цел е да се обидеме да го вратиме и интегрираме Венцислав Симоновски, кој има 55 години и пред него е живот, назад во општеството, да почувствува дека не е напуштен. Ќе се организираме од сите страни, со фудбалските ветерани, со ФФМ, со сите кои сакаат да помогнат, и ќе ја реновираме неговата куќа, како и ќе обезбедиме апарати за домаќинството кои се неопходни. Се разгледува можноста и тој да биде вклучен во некои активности на академијата, иако во моментов му е потребна помош, затоа што и не се чувствува здравствено најдобро. Во секој случај, тука не треба да се делиме, туку сите заедно до помогнеме“, вели Саша Ќириќ.

Ќе се бара решение и за траен паричен надоместок за Венцислав Симоновски.

„Апсолутно, тоа е следниот чекор. Покрај сета друга помош, на Венцислав Симоновски да му се пронајде соодветно место каде ќе биде згрижен со паричен надоместок“, дополнува Ќумбев.

Се вчитува...