Поранешен европски и светски шампион на 45 години и се враќа на атлетиката

Поранешниот светски и европски шампион во спринт, Британецот Двејн Чемберс реши да им пркоси на годините и на 45-годишна возраст да се обиде да настапи на шампионатот на својата земја.

Чемберс истрча 6.81 на квалификациите за првенството на Обединетото Кралство во сала во трката на 60 метри за да се квалификува за настанот. Првенството ќе се одржи во февруари, а следна цел е да се обиде да истрча најмалку 6.58 и да ја обезбеди норма за Светското првенство во сала.

Британецот во својата кариера беше светски шампион во сала на 60 метри во Доха во 2010 година, што е врв во неговата кариера. Ја има и европската титула во сала, а на отворено има европско злато од Гетеборг во 2006 година во штафетата 4×100 метри, европско сребро на 100 метри во 1998 година, светско сребро во Севилја една година подоцна на 4×100 метри и на истото првенство освои бронза на 100 метри.

Тој беше суспендиран во 2004 година поради допинг, но се врати во 2006 година. Тој официјално се повлече од атлетиката во 2017 година, но се врати и во 2019 година.

Се вчитува...