Ракометарите на Работник со пораз ја завршија европската авантура откако во шестото коло од ЕХФ-Купот загубија на гостувањето против Татабања со резултат 30-27. Битолчани одиграа одлично во првите 40 минути, но потоа не го издржаа темпото, па унгарскиот претставник направи целосен пресврт и стигна до победата. За разлика од катастрофалниот пораз на првиот меч во Битола, овојпат Работник подобро му парираше на фаворитот, но избраниците на тренерот Алушовски немаа сили за сензација.
Македонскиот претставник добро го почна натпреварот и поведе со 1-3, но домаќините за кратко го свртеа резултатот во своја полза. Одбраната поставена од Алушовски функционираше беспрекорно, голманот Трајковски бранеше одлично, па Работник водеше во поголемиот дел од полувремето и на одмор замина со водство од 12-13, примајќи гол во самиот финиш.
Татабања заигра далеку поквалитетно во нападот во продолжението, создавајќи им многу проблеми на битолани. Во првите минути Работник парираше со ефикасност во нападот, но штом затаи и играта во офанзива, следеше пресврт и зголемување на предноста на Унгарците. Алушовски побара тајмаут, неговиот тим се обиде и со „седум на шест“, но не можеше да направи пресврт, па во шестиот меч го претрпе и петтиот пораз сезонава во групната фаза од ЕХФ-купот.
Остроушко со девет гола беше прв стрелец на Работник, а по четири пати мрежата на Татабања ја затресоа Маркоски, Кузмановски, Граџан и Ѓукиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА