После 12 години стоперот си заминува од Олд Трафорд

Стоперот Фил Џонс, после 12 години минати во дресот на Манчестер Јунајтед, по завршувањето на сезоната си заминува од „Олд Трафорд“. На Џонс ова лето му истекува договорот со кој има опција да се продолжи на уште една, но тој се реши да не ја активира.

Сер Алекс Фергусон во 2011 година го доведе Џонс како тогашен талентиран играч од Блекбурн за 19,3 милиони евра. Но, во последните години има проблеми со повреди, па повеќе е на трибините, отколку што е на теренот.

Со клубот од Манчестер освои шест трофеи. Во текот на 12 години собра 229 настапи за Јунајтед, постигна шест гола и запиша 10 асистенции. Играше и за англиската репрезентација, но последниот настап му е во 2018 година.

„Ми беше тешко првите години, тоа нема да го кријам. Семејството ми беше клучно во тој период. Ми недостасуваше играњето на фудбал. Се обидував после повредите да се вратам брзо, но не одеше. Моментот кој никогаш нема да го заборавам е кам-бекот против Вулверхемптон. Напорно работев за да се вратам. Благодарност до навивачите за поддршката“, рече Џонс.

Се вчитува...