Последната порака на Алегри до Јуве: Ослободете се од Роналдо, ја урива хармонијата во клубот

Масимилијано Алегри и Кристијано Роналдо навидум имаа сосема професионален однос во едната сезона во која соработуваа во Јувентус, но последните информации говорат дека трофејниот стручњак воопшто не бил импресиониран од начинот на кој Португалецот функционирал со остатокот од екипата.

Италијанскиот весник „Република“ тврди дека Алегри на крајот од сезоната во која го освои и осмото скудето во низа им порачал на челниците на Јуве дека Роналдо е сериозен проблем за клубот.

„Претседателот Ањели по завршувањето на таа сезона реши да му врачи отказ на Алегри, а трофејниот стратег веста ја прифатил без ниту ронка анимозитет, туку само со кратка порака до првиот човек на клубот: Ослободете се од Роналдо, ја урива хармонијата на клубот“, пишува „Република“ во своето денешно издание.

Ањели не сакал ни да чуе, убеден дека Кристијано е трансферот на деценијата, играч што ќе го вивне клубот до врвот на фудбалска Европа. Сепак, две години подоцна првиот човек на Јуве се повеќе размислува за пораката од поранешниот стратег, особено по непрофесионалното однесување на Кристијано по мечот со Џенова, дуел на кој „старата дама“ забележа победа, но Португалецот беше лут бидејќи не постигнал гол.

Финансиската криза го прави товарот на договорот на Роналдо (32 милиони евра за наредната сезона) преголем, па воопшто не е чудно што Ањели сега размислува за продажба на најплатениот фудбалер во тимот. И згора на тоа, разговара со Алегри за негов камбек на клупата на „старата дама“.

Се вчитува...