Последните пет „вечни пресметки“: МЗТ води 3-2, на потег е Работнички

Денеска е ден за дерби во кошаркарскиот шампионат, актуелниот првак МЗТ Скопје ќе го пречека вечниот ривал Работнички, кој се уште е без пораз на домашната сцена. Во пресрет на дуелот во СЦ „Јане Сандански“ (17.45 часот), еве мало навраќање на последните пет дерби преметки меѓу големите противници. МЗТ Скопје има предност од 3-2, а Работнички последниот триумф во Аеродром го забележа во мај 2015 година, кога „црвено-белите“ триумфираа со 76-85.

22 април 2017             Работнички – МЗТ Скопје    78-70

Двете екипи се сретнаа во „Градски парк“, каде Работнички заслужено стигна до победата во рамките од осмото коло во Супер-лигата. МЗТ Скопје одигра лошо и максимално себично во нападот, па „металците“ мечот го завршија со само пет асистенции. Најефикасен во редовите на Работнички беше Чековски со 19 поени, пред Тасовски со 17, а Владо Илиевски го заврши мечот со 15 поени и девет асистенции. Во однос на тој меч Работнички во своите редови како клучни играчи повторно ги има Чековски и Мираковски, додека МЗТ Скопје е со целосно реновиран тим, дополнително нашминкан со последните засилувања доведени минатиот месец.

5 март 2017               МЗТ Скопје – Работнички      87-68

„Металците“ предводени од Анте Назор славеа убедлив триумф, но мора да се истакне дека мечот беше израмнет се до последната четвртина. На полувреме се замина со 36-35, за потоа „сино-белите“ до додадат гас во остатокот од мечот, за во четвртиот период целосно да го скршат отпорот на гостите. Дреновац со 17, Тејмс со 13 и Клоф со 12 поени беа најефикасни кај аеродромци, додека најдобри стрелци на Работнички при овој пораз беа Тасовски со 23 и Мираковски со 15 поени.

mzt rabotnicki

5 април 2016          МЗТ Скопје – Работнички          81-71

Меч во кој Работнички одлично стартуваше, па поведе со 13 поени во првата четвртина. На полувреме се замина со предност на гостите од 34-41, но Александар Јончевски успеа да најде лек за „црвено-белите“ во преостанатите 20 минути од средбата. Пресудна се покажа последната четвртина што МЗТ Скопје ја доби со 27-10, за целосен пресврт и победа над големиот ривал. Тројца играчи на МЗТ Скопје беа со двоцифрен ефект: Ѓорѓе Дреновац беше прв стрелец со 24 поени и 8 скока, Дамјан Стојановски постигна 17 поени, додека Марко Луковиќ беше стрелец на 16 поени надополнети со 12 скока. Кај Работнички, Миарковски и Чековски постигнаа 23, односно 20 поени.

16 февруари 2016        Работнички – МЗТ Скопје     74-71

„Црвено-белите“ ја добија оваа февруарска пресметка во „Градски парк“, меч во кој Работнички го контролираше резултатот и на крајот заслужено триумфираше. Домаќините неколку пати водеа, МЗТ се враќаше, но во неизвесната завршница подобро се снајдоа домашните кошаркари, кои заслужено стигнаа до победата. Тасовски со 19, Чековски со 15 и Мираковски со 11 поени беа најефикасни кај Работнички, кај МЗТ Скопје прв стрелец беше Марко Луковиќ со 22 поени.

30 декември 2015      Работнички – МЗТ Скопје     75-86

Дуел за заокружување на 2015 година, во кој МЗТ Скопје како гостин триумфираше во „Градски парк“. Најлесна победа на МЗТ Скопје на последните натпревари, со оглед на фактот дека избраниците на Јончевски го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар и лесно стигнаа до бодовите. Дреновац со 27 поени беше главна фигура на натпреварот, Дамјан Стојановски постигна 18, а Луковиќ оствари дабл-дабл од 10 поени и 12 скокови. Чековски беше најефикасен кај Работнички со вкупно 23 поени зад своето име.

Се вчитува...