Потоп на МЗТ: Само Гостивар го знае лекот за шампионот во мак-баскетот

Гостивар стави крај на серијата од десет победи во низа на МЗТ Скопје на домашната сцена откако во 13. коло славеше во „Младост“ со 88-69. Гостиварци се единствените во мак-баскетот кои успеаја да го совладаат актуелниот шампион оваа сезона и тоа во двата одиграни меча, а до успехот стигнаа со одлично второ полувреме во кое го лимитираа АБА-лигашот на само 29 постигнати поени.

Реализацијата не беше во полза на двата тима во првите десет минути од мечот во кој двата тима имаа свои серии и покрај тоа што не успеаваа да го најдат ритамот во напад. Гостите се потпреа на поените во рекетот, а домаќините се одржуваа во игра преку офанзивните скокови за 16-20 по поените во завршните секунди на Кефи.

Како што одминуваа минутите од првото полувреме „сино-белите“ состави успеаја да влезат во ритам, а прв иницијативата ја превзема МЗТ Скопје кој преку добрата одбрана го примора Гостивар на тешки обиди, а преку добриот проток на топката во нападот стигна до лесни поени за водство од 29-38. Сепак водството на аеродромци не траеше долго бидејќи на сцена настапи Ефремовски кој од транзиција погоди две тројки во низа и донесе егал во „Младост“ на полувремето (40-40).

На отварањето на второто полувреме Војдан Стојановски ја заработи четвртата лична грешка што наговести проблем во нападот на МЗТ Скопје, но и Гостивар не успеа да го поправи својот впечаток. Во бркотнициата на теренот двата тима губеа топки па за еден тим да ја надмине двоцифрената граница на постигнати поени во третата четвртина беа потребни речиси шест и пол минути. Прв во тоа успеа Гостивар за водство од 51-47, а домаќините ја задржаа предноста благодарение на подобриот финиш на четвртината за 60-55 пред почетокот на одлучувачките десет минути. Во нив гостиварци стигнаа до највисоката предност од 63-55, но продолжи и неефиканоста на теренот. Аеродромци промашуваа зицери па не успеаја да ја вратат резултатска неизвесност, а тоа го искорсити Гостивар кој преку Корсантиа и Ефремовски забележа двоцифрена предност (72-62) со што беше ставен и крај на дилемата за победник.

Со 25 поени и 7 скока лидер на Гостивар беше Пипкинс, 21 поен и 13 скока додаде Корсантиа, а по 14 поени реализираа Ефремовски и Вукчевиќ. Со 16 поени и 9 скока МЗТ Скопје го предводеше Бурсаќ, 12 поени додаде Дамјан Стојановски, а како двоцифрени со 11 поени и 6 асистенции, односно 10 поени мечот го завршија Кефи и Абу.

Се вчитува...