Потресна исповед на шпанскиот рекордер: Моите родители боси ја минаа Сахара за да стигнат до Шпанија

Ињаки Вилијамс неодамна стана рекордер во шпанската Ла Лига за најмногу одиграни натпревари во низа во највисокиот ранг на шпанското натпреварување, а во интервју за шпанските медиуми јавно им се заблагодари на своите родители за големата жртва што ја направиле за семејството да пристигне на Пиринејскиот Полуостров.

Тој посочи дека нивната борба за живот уште посилно го мотивираат да им врати за се’ што направиле за него и неговото семејство.

Кога го замени Арика Адурика против Кордоба во 2014 година и дебитираше за Билбао, Ињаки Вилијамс стана само вториот фудбалер со темна кожа во историјата на баскискиот клуб. Сепак, дури и тогаш, на 20-годишна возраст, Ињаки не ја знаел целосната приказната за пристигнувањето на неговото семејство во Шпанија. И тогаш, Марија, неговата мајка, одлучила да му каже се’. Таа му раскажала како заедно со неговиот татко Феликс, не знаејќи дека го носи во стомакот, боси оделе низ Сахара без храна и вода, а со цел да најдат подобра иднина и егзистенција.

„Бевме дома во Билбао, гледавме телевизија … Во еден момент мајка ми се сврте и рече: Добро, дојде време да ти кажам. Седни … Мислам дека си спремен да ја слушнеш приказната за татко ти и мене. Кога го кажа тоа, ми беше студено и стресно. Таквите работи ви оставаат длабок впечаток во животот. Знаев дека мојот живот е различен од животот на моите пријатели, но кога ги слушнав деталите навистина бев потресен. Не знаев дека пеш ја минале целата пустина. Знаев дека татко ми имал проблеми со стапалата, но не знаев дека тоа е затоа што ја минувал Сахара на 40-50 степени. Еден дел тие поминале со камион, оној со отворена приколка, 40 луѓе во него и потоа шетале со денови. Дел од луѓето испаднале од камионот, биле оставени закопани во песок. Опасно е на таа територија, има крадци, силувања, страдања. Мојата мајка ми кажа дека да знаела низ што се’ треба да помине, веројатно немало никогаш да се осмели да дојде во Шпанија. Во тие моменти била бремена со мене, но таа не знаела“, изјави Ињаки.

Фудбалерот на Атлетик ја објаснува целата приказна со еден збор.

„Судбина. Моите пријатели и јас зборуваме за тоа. Поминале низ неверојатен пекол … Но, се’ се случува со причина. Да не сум роден во Билбао, никогаш не би играл за Атлетик. Моите родители ја преминаа пустината и беа донесени во Баскија. Не изгледа како случајност. Кога ќе ја слушнете приказната на моите родители, ве тера да се борите уште посилно да им вратите за се’ што жртвувале за вас. Мислам дека никогаш нема да можам да им се оддолжам, тие ги жртвуваа своите животи, но животот што се обидувам да им го дадам е оној што тие сонуваа да ни го дадат. И на некој начин можеме да кажеме – успеавме“, заклучи Ињаки.

За потсетување, Вилијамс успеа да влезе во историјата на Примера на мечот со Алавес. Тоа беше негов 203-ти последователен натпревар во шпанското првенство, со што го претекна поранешниот играч на Сосиедад, Хуан Антонио Ларањага, па на овој начин Ињаки се најде на врвот на листата. Последен пат фудбалерот на Билбао пропуштил натпревар на 17 април во 2016 година.

Се вчитува...