„Повеќе би сакал да не учествувам на Олимписките игри, отколку да се вакцинирам“

Јохан Блејк, член на златната олимписка штафета на Јамајка на 4×100 метри од Рио, вели дека повеќе би сакал да ги пропушти Игрите во Токио, отколку да се вакцинира против Ковид-19. Блејк веќе одамна има донесено одлука, уште пред да излезат вакцините, тој си ветил дека нема да се вакцинира.

Дури и да не биде вакциниран, 31-годишниот Јохан најверојатно ќе може да се натпреварува на Игрите во Токио, што би бил трет негов настап. Засега, Меѓународниот олимписки комитет ја препорачува вакцинација на спортистите учесници, но истата нема да биде задолжителна.

„Мојот ум е јасен, не сакам никаква вакцина. Повеќе би сакал да не учествувам на Олимписките игри. Нема да ја примам, сигурно. Не сакам да навлегувам во детали, но имам причина за мојата одлука“,  изјави поранешниот светски шампион на 100 метри .

Вакцинацијата против коронавирус во Јамајка се очекува да започне следната недела, а Олимписките игри во Токио, треба да бидат официјално отворени на 23. јули.

Се вчитува...