Повторно одлични Дончиќ и Јокиќ, продолжува мизеријата на Лејкерс и Бруклин (ВИДЕО)

Лука Дончиќ и Никола Јокиќ продолжуваат со одличните партии сезонава во НБА лигата. Двата балкански аса ги водеа своите тимови (Далас и Денвер) до нови победи во најсилната кошаркарска лига во светотот.

Далас маверикс без проблеми славеа на домашен терен против Детроит пистонс со 116-86. Дончиќ натпреварот го заврши со 33 поени, 11 асистенции и седум скока со што повторно беше најдобар поединец на теренот. Кај поразените Хамиду Диало беше најефикасен со 18 поени.

Денвер Нагетс и Никола Јокиќ триумфираа над Њујорк никс со 132-115. Србинот постигна 21 поен, надополнет со 11 скока и седум асистенции, додека кај Никс недоволни беа 28 поени на Џулиус Рендл.

Лос Анџелес Лејкерс и Бруклин Нетс од друга страна иако беа први фаворити пред почетокот на сезоната, продолжуваат со мизерните партии. Лејкерс загубија на домашен терен од актуелниот шампион Милвоки Бакс со 116-131. Јанис Адеоткумбо буквално ги прегази лејкерс со 44 поени и шут од игра (17/20). Кај „езерџиите“ Леброн Џејмс заврши со 27 поени.

Бруклин нетс без триото Дјурант, Ирвинг, Харден немаше никакви шанси на домашен терен против Бостон селтикс (91-126). Браун и Смарт со по 22 поени беа најефикасни кај гостите, додека кај Нетс 21 поен уфрли Џевон Картер.

Во останатите мечеви од синоќешната понуда: Филаделфија – Феникс 109-114, Атланта – Индијана 133-112, Мемфис – Клиперс 135-109, Њу Орлеанс – Хјустон 110-97, Портланд – Орландо 95-113 и Сакраменто – Минесота 114-134.

Се вчитува...