Прекин во „Градски парк“

Првиот полуфинален натпревар меѓу Работнички и Карпош соколи минува во тензична атмосфера, а по завршувањето на третата четвртина мечот е во прекин откако судиите и делегатот се повлекоа во своите простории и бараат да се создадат услови на трибината на која се наоѓаат најверните навивачи на домашниот тим.

Првиот прекин се случи во 15. минута при резултат 29-30, кога беше изречена и последна опомена од страна на делегатот Пиперков. Средбата продолжи и беше релативно мирна се до последната минута од третиот период, кога страстите зовреа по катастрофалната одлука на судијата Павлов, кој за очигледна блокада на Мишановиќ над Лабовиќ досуди лична грешка (резултатот во тој момент беше 58-61).

„Полудеа“ сите во Работнички, тренерот Докузовски доби и техничка грешка, па „соколите“ со судиска помош дојдоа до 60-67 по 30 минути игра.

Во меѓувреме „соколите“ повторно се пожалија дека се удирани со тврди предмети од страна на домашните фанови, по што делегатот и судиите се повлекоа во своите простории, чекајќи празнење на трибината за да може да се доиграат преостанатите 10 минути од овој прв меч од полуфиналето во кошаркарскиот плејоф.

Се вчитува...