Премиер-лигата и владата се договориле: Фудбал ќе има од јуни

Премиер-лигата и владата на Британија постигнале начелен договор сезоната да продолжи на почетокот од јуни. Иако државата се наоѓа на среде криза поради пандемијата на коронавирусот, а премиерот Борис Џонсон е во болница поради тоа што е дел од илјадниците заразени, сепак постои договор дека фудбал ќе може да се игра по само осум недели.

Предводниците на Премиер-лигата и властите направиле план за продолжување на сезоната во јуни, но без можност на натпреварите да има гледачи. Затоа се преговарало натпреварите од остататокот од сезоната да бидат пренесувани и на слободните телевизии. Во моментов „Скај“ и „БТ“ ги имаат правата за дел од преостанатите средби, но тие нема да можат да ги емитуваат сите дуели и затоа ќе се бара алтернативно решение и преку други ТВ канали. Идејата е буквално сите натпревари да бидат емитувани на телевизија и затоа е крената и забраната за фудбал на ТВ во сабота во 16 часот.

Во меѓувреме во Англија траат преговорите околу евентуалното намалување на платите на фудбалерите, но засега нема никаква согласност меѓу сопствениците и Асоцијацијата на играчи. Дел од клубовите вклучувајќи го и Ливерпул ги испратија вработените дома. Засега само Манчестер Сити објави дека нема да намалува плати на неиграчкиот кадар.

 

 

 

Се вчитува...