Премиерлигашите добија дефинитивно „ДА“, но не знаат што ќе прават со позитивните на коронавирусот

Двете најсилни фудбалски конкуренции во Англија добија „зелено светло“ од владата за реализирање на плановите за завршување на сезоната. Министерството за дигитализација, медии, култура и за спорт ја објави втората фаза од планот за тоа како треба да се тренира во елитните спортови. Оваа фаза веќе подразбира натпреварувачки тренинг со близок контакт.

Ова значи дека Премиер-лигата и Чемпионшип веќе ќе треба да влезат во нов сегмент и речиси нормално да се подготвуваат, а оваа седмица се очекува да биде клучна за „Проектот Рестарт“. Играчите и менаџерите денеска ќе бидат запознати со протоколите за втората фаза, а в четврток ќе има нов состанок на клубовите на кој главна тема повторно ќе биде најболното прашање, договорот за ТВ правата. Во текот на оваа недела сите клубови ќе бидат под контрола околу спроведувањето на протоколите.

Се очекува в четврток клубовите да гласаат за „фазата два“, но во меѓувреме, веќе денеска или најдоцна утре, ќе треба да биде објавено какви ќе бидат правилата за оние кои имаат позитивни тестови и за останатите соиграчи кои биле во групата со нив. Во првата фаза од тренинзите, клубовите ги поделија играчите во групи од пет, но во втората фаза ќе бидат по 12. Тоа отвора дилеми околу постапките при позитивен случај и дали сите играчи кои биле во контакт со позитивен случај ќе треба да бидат во двонеделен карантин. Со ова драстично ќе бидат отежнати подготовките.

 

 

Се вчитува...