Премиерлигашите со ултиматум: Сезоната мора да заврши до 30 јуни!

Сите англиски премиерлигаши се сложни дека сезоната во елитното англиско фудбалско друштво мора да продолжи, но дел од нив покренаа нова иницијатива – шампионатот да биде завршен најдоцна до 30 јуни. Новиот состанок на премиерлигашите е закажан за 19 април, а на него група на клубови и писмено ќе достават предлог, да се стори се што може за сезоната да финишира пред почетокот на месец јули.

Причината е да се избегне хаосот со договорите со фудбалерите, со оглед на фактот дека дел од играчите на 1 јули ќе станат слободни фудбалери и ќе можат да одбијат да настапат токму во клучните натпревари во завршницата од сезоната. ФИФА најави дека ќе донесе одредба за автоматско продолжување на договорите до крајот на сезоната, но премиерлигашите нагласуваат дека британските закони во оваа ситуација би имале поголемо значење од одредбата на светската куќа на фудбалот. Практично, ФИФА би дала зелено светло играчите да можат да настапуваат по 1 јули, но самите фудбалери може да одбијат такво нешто според британскиот закон за облигациони односи, стравувајќи од повреда со која нивната цена на пазарот значително би се намалила.

Најпогоден од ваков развој на настаните би бил Челси, со оглед на фактот дека заминувањето веќе го најавија Вилијан, Педро и Жиру, но со проблеми би се соочиле и Тотенхем (Фертонген е слободен играч), Ливерпул (Адам Лалана) и уште неколку премиерлигаши.

Досегашниот план беше сезоната да продолжи на 6 јуни, со што се предвидуваше крај на 12 јули. Сепак, премиерлигашите ќе инсистираат за поместување на почетокот, се со цел шампионатот да заврши пред крајот на месец јуни, со што би се овозможила и кратка пауза пред стартот на подготовките за новата сезона.

Се вчитува...