Претставување на тимови: ФМП со „подновен“ состав и проверен систем ќе брка нов успех

На пет дена од почетокот на сезоната 2021/22 на прволигашката сцена продолжуваме со претставување на дванаесетте тимови кои ќе се натпреваруваат за титула и опстанок во „елитата“. Еден е од нив е и Академија ФМП кој под водство на Александар Петровиќ имаше одлична претходната сезона изборувајќи место во плејофот во борбата за титула и полуфиналето на Купот на Македонија.

Со задржан концепт на тимот од претходната сезона, но и дополнет со неколку имиња „академиците“ ќе бараат повторување на успехот на домашната сцена, но и добро претставување во деби настапот во БИБЛ лигата.

„Во новата година ќе играме во две натпреварувања и мислам дека ќе бидеме задоволни доколку успееме да го повториме успехот од претходната година во влез во плејофот. Нашиот тим е склоп на двајца искусни и млади играчи и очекувам поголем напредок на оние кои претходната сезона добија шанса. Не очекува доста интересна сезона со изедначени тимови. Оваа сезона имаме пет тимови кои играат во Европа, плус овие два во АБА2 па од тој аспект лигата е посилна од претходната година и ќе биде поинтересна“, изјави за ЕКИПА тренерот Александар Петровиќ.

„БИБЛ лигата нема да биде приоритет. Целта останува што подобар настап дома и навистина ќе биде добро доколку успееме да го повториме минатогодишиот успех. Ќе ни треба и малку поширок ростер и не ја исклучувам можноста да го засилиме тимот во текот на сезоната“


Во однос на претходната сезона Академија ФМП не претрпе сериозни промени, само беа заменети играчите на бековските и високите позиции. Од клубот заминаа: Рони Харис, Александар Тодоровски, Љубиша Димитровски, Лука Петровкси, Валмир Какруки и Теодор Атанасов.

На нивните места стигнаа: Недељко Косанин, Филип Бакоч, Филип Стојановски, Леонид Тодоровски, Дамјан Миса, Давид Трпески и Џашон Смит.

А, во однос на претходната сезона останаа: Стефан Крстајиќ, Оливер Двојаковски, Лука Стојановски, Славчо Темелковски и Филип Ѓорѓиев.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Борба за Суперлига

Пред екипата на Академија ФМП е долга сезона со деби настап во БИБЛ лигата кој ќе значи и десет дополнителни натпревари до месец јануари со две патувања во Бугарија, едно во Косово и едно во Израел кои можат да се одразат во негативна смисла во домашното првенство.

„Академиците“ ја немаат потребната ширина на клупата, но овој ростер воопшто не е наивен. Со задржувањето на Крстајиќ тимот го задржа и лидерот од претходната сезона, а со потписот на Косанин доби и дополнителен експлозивен бек за играта која ја негува искусниот стратег. Многу работи ќе значат и од Филип Бакоч од кој се очекува да го покаже целиот квалитет под водство на Петровиќ.

Со оглед на изедначеноста на лигата како и помалиот фонт на натпревари на дел од конкурентите за пласман во Суперлигата, ФМП го очекува тешка битка во која слично како и претходната сезона повторно ќе одлучуваат детали како една победа или подобрa кош разлика.

Се вчитува...