Претставување на тимови: Пелистер со уште посилен состав атакува на титула

Три дена не делат од почетокот на сезоната 2021/22 во која дванаесет тима ќе се борат на кошаркарските терени ширум државата. Еден од нив ќе биде и Пелистер, минатогодишниот полуфиналист кој во новата сезона влегува уште поамбициозно со цел да стигне до првиот трофеј во својата историја.

Покрај домашното натпреварување, за прв пат битолчани ќе „исполват“ и на „Јадранот“ каде ќе му се приклучат на МЗТ Скопје во АБА2 лигата.

„Подготвителниот период беше пожелно да го започнеме и малку порано. Ни недостасуваат пријателски натпревари за согледување на реалната слика за настап едно натпреварување како што е АБА2, а не можевме да ги оствариме поради настанатата ситуација со пандемијата. Затоа и не би сакал да прогнозирам некои почетоци, но можам да кажам дека сум презадоволен од пристапот на сите играчи и дека максимумот кој го даваа досега ќе продолжат да го даваат и во текот на сезоната“, изјави за ЕКИПА тренерот Марјан Илиевски.

„За мене не постои прогноза на почеток и крај. Секогаш излегуваш на теренот за да бидеш подобар од противникот и да го дадеш својот максимум без разлика дали ќе се сретнеш со екипа која е претендент за титула или опстанок. Во однос на меѓународното натпреварување сепак Пелистер е клуб кој за кратко време прави огромни чекори и за истите се прескокнати многу скалила за да се игра едно вакво натпреварување плус. Сепак тоа е предизвик за управата. Ние сите имаме зад себе меѓународни натпреварувања и знаеме што значи тоа. Моја надеж и желба е на секој натпревар да го дадеме максимумот“.


Битолските „зелено-бели“ успеаја да го задржат костурот на тимот од претходната сезона и дополнително да го засилат истиот во пресрет на новата сезона.

Во тимот останаа: Бобан Стајиќ, Бојан Трајковски, Никола Малешевиќ и Игор Кесар, a заминаа: Даниел Нацевски, Михајло Арсоски, Петар Николиќ, Павле Михајлоски, Никола Силаџи, Џаз Вилијамс и Џордан Калахан.

Нови засилувања се: Димитар Караџовски, Марјан Младеновиќ, Стојан Ѓуроски, Љубомир Младеновски, Тајлер Чиз и Дејвид Хогтон.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Топ 4

Пелистер повторно има тим за борба за титула на домашно тло, а повторно за истата ќе одлучуваат детали кои овој пат може да бидат во полза на „зелено-белите“ со оглед на настапот во АБА2 лигата. Битолчани имаат сериозен тим со добро воиграни кошаркари од претходаната сезона која оваа е засилен со искусни домашни играчи како Ѓуроски, Младеновски и Младеновиќ кои веќе имаат и искуство играјќи на оваа сцена.

За разлика од претходната сезона кога повредата на Трајковски создаде сериозни проблеми во ротацијата со потребата од ангажман на странска замена која го оттргна Вилијамс од ротацијата, овој пат тимот има долга клупа која со петтиот странски играч кој беше најавуван ќе беше и комплетна. Сепак адут за битолчани ќе биде тренерот Марјан Илиевски кој го пропушти минатосезонското разигрување за титула и со кого средбите од полуфиналето сигурно ќе бea поквалитетни.

Настапите во регионалното првенство може да го земат данокот во регуларниот дел од сезоната па можеби не треба да очекуваме убедлив Пелистер со натпревари од повеќе од 100 поени како претходанта сезона, но дуелите против силните екипи од регионот ќе дадат многу позитивни работи во разигрувањето за титула.

Се вчитува...