Претставување на тимови: ТФТ во полуфинале нема да биде изненадување

Во пресрет на новата сезона во домашното кошаркарско првенство продолжуваме со претставувањето на клубовите кои ќе ја одбележат сезоната 2021/22. Еден од нив ќе биде ТФТ, минатогодишниот новалија кој ги помести границите за овој епитет, а во новата сезона ќе се бори на три фронта.

„Црно-белите“ во подготвителниот период не знаат за пораз и со „шест од шест“ влегуваат во новата сезона па задоволството беше неизбежно во разговорот со тренерот Боро Смилковски.

„Реално морам да бидам задоволен од подготвителниот период, од самиот тренажен процес и формата во која се наоѓаме. Одигравме шест пријателски натпревари и ги добивме сите, а тоа што ме радува е тоа што имаше градирање на формата и перформансиоте од натпреварот број еден до последниот со Еуро Никел. Најдобро е што со исклучок на ситни повреди сега речиси сме во целосен состав. Атмосферата е одлична, одлично се прифатени новите играчи и истата допрва ќе станува се подобра по времето поминато заедно“, вели за ЕКИПА предводникот на ТФТ.

Сезоната за клубот од Тафталиџе започнува во квалификациите за ФИБА Еврокупот на далечното патување во Краснојарск, Русија каде за прв противник македонскиот претставник ќе го има Седаеак.

„Мислам дека на лист ја имаме најтешката група со германски Бајројт, Хапоел Хаифа од Израел, Руски Енисеј и унгарски Седеак. На натпреварот против Унгарците гледаме шанса и мислам дека можеме да се надигруваме па така изборување на полуфинале мислам дека е реална шанса. Верувам во бајки со среќен крај па се надевам дека повторно ќе биде така. Одлучува еден натпревар, притоа долг ќе биде и патот, но ќе бидеме таму неколку дена пред почетокот на турнирот и мислам дека ќе имаме време да се аклиматизираме. Сигурно ќе биде едно неверојатно искуство за нас, возбудени сме, се подготвуваме и се надевам дека ќе доживееме да одиграме барем два натпревара. Ќе дадеме се од себе, но како импреатив не наметнуваме ништо и не сакам никој да чувствува никаков притисок. Приоритетот ни останува домашното првенство“

ТФТ во првата сезона во „елитата“ влезе со амбиција опстанок, а оваа цел избраниците на Смилковски ја остварија на средина на сезоната. До крајот на првенството успеаја да се изборат и за место во четвртфиналето од разигрувањето за титула, а амбицијата за новата сезона е Суперлигата.

„Претходната сезона целта беше опстанок, а оваа сезона одиме амбиција погоре односно пласман во Суперлигата. Доколку имаме шанса за повеќе сигурно ќе се обидеме да ја искористиме. Мислам дека ќе биде изедначено првенство со неколку екипи кои отскокнуваат, но во секој случај мислам дека не постои непобедлива екипа и секој може да добие секого. Секој натпревар е важен и знаеме како беше претходната сезона кога во последното коло се одлучуваше за крајниот изглед на табелата“

Третото натпреварување за „Тафта“ ќе биде БИБЛ лигата која претходната сезона имаше огормна улога во успешната сезона на „црно-белите“.

„Во БИБЛ целта е пласман во вториот круг. Се наоѓаме во група со тимови со кои сметам дека можеме да се натпреваруваме и мислам дека според целото искуство кое го имаме и ќе го добиеме со ФИБА Еврокупот можеме да очекуваме исполнување на целта“, додава стратегот.


ТФТ ова лето остана без „мозокот на тимот“, Тај Харис кој по долго време поминато на мак-баскет сцената реализираше трансфер во турското првенство со што само говори за успешната сезона на МВП-то на БИБЛ лигата. Покрај него заминаа и Лахланд Андерсон, Андреј Митревски и Јован Александровски.

Како адекватна замена за Харис пристигнаa поранешниот репрезентативец Александар Костоски и Еван Ленард, а Виктор Ташовски доаѓа на местото на Митревски. Покрај нив реализирани беа и трансферите на Травон Бродвеј, Еј-Џеј Џон и Андреј Маслинко.

Од претходната сезона останаа одличните странци Смит и Хортон, како и Македонеците, Николов, Нури, Зафиров, Наумоски, Аргировски и Сапунџиев.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Топ 4

ТФТ во претсезонските натпревари изгледа одлично, а и покрај тоа што е во комбинација за три натпреварувања, „црно-белите“ имаат широк состав со пет странци кои Смилковски ќе може да ги ротира на домашната сцена. А, во Тавон Бродвеј и Лахланд Андерсон доби и нови лидери на тимот.

Заминувањето на Харис нема да биде лесно на почетокот на сезоната, но доколку Ленард го исполни својот потенцијал може да биде вистинска замена за неговиот сонародник. Со Костовски на позиција „еден“ ТФТ нема да биде динамичен и експлозивен како претходната сезона, но искуството кое го носи Македонецот ќе даде и нова диманзија на тимот.

Јасно е дека ТФТ и во новата сезона ќе биде сериозен противник, а доколку „црно-белите“ се најдат во полуфиналето нема да биде изненадување.

Се вчитува...