Претставување на тимови: Вицешампионот Еуро Никел повторно ќе бара висок пласман

На четири дена пред почетокот на прволигашките дуели продолжуваме со претставување на тимовите кои ќе ја одбележат сезоната 2021/22. Еден од нив ќе биде минатогодишниот вицешампион Еуро Никел кој повторно ќе атакува на висок пласман.

Кавадарчани претходната сезона со искусен тим успеаја да стигнат до самото финале, а оваа сезона засилени со дури осум нови кошаркари ќе се обидат да го повторат успехот.

„Составивме тим за нашите амбиции, имаме промена на бековските позиции и ќе ни биде потребно време да го воиграме. Одигравме помалку натпревари во претсезоната од тоа што треба, но задоволен сум од тоа што го прикажавме и гледам место за напредок. Амбициите остануваат исти – висок пласман во лигата кој повторно нема да биде лесен со оглед на тоа што многу тимови сериозно се засилија за новата сезона. Се надевам дека ќе биде коректно првенство без несакани сцени и ќе се врати публиката на трибините“, изјави за ЕКИПА, тренерот Горан Самарџиев.


Во однос на претходната сезона Еуро Никел претрпе големи промени во играчкиот кадар со што осум нови кошаркарки во новата сезона ќе го облечат „сино-белиот“ дрес: Џордан Калахан, Обрад Томиќ, Ивица Димчевски, Џон Дејвис, Бранислав Џекиќ, Александар Штерјов, Предраг Самарџиски и Андреј Цветковски.

Oд клубот заминаа: Ранко Мамузиќ, Џексон Дубински, Јане Петровски, Роберт Рикиќ, Данило Мијатовиќ и Марко Перовиќ, а во однос на претходната сезона останаа: Дарко Соколов, Никола Караколев, Милан Милков, Тодор Златев и Илија Колев.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Топ 4

Еуро Никел повтроно има тим за висок пласман. Во полза на кавадарчани ќе биде и играњето само во домашното првенство во однос на ривалите за висок пласман па нема да биде изненадување доколку „сино-белите“ по регуларниот дел од сезоната бидат на врвот на табелата.

Сите засилувања на Горан Самарџиев со себе носат и доза на искуство кое повторно нема да недостасува во тимот. А, со ангажманот на Предраг Самарџиски тимот доби огромна стабилнсот во играта во рекетот и вистинска замена за Роберт Рикиќ.

Поранешниот македонски репрезентативец во претходните настапи во македонското првенство покажа класа и јасно е дека откако ќе ја врати вистинската форма повторно ќе биде предводник на тим кој и овој пат може да отиде до самиот крај.

Се вчитува...