Приморска со „метла“ за МЗТ Скопје до круната во АБА2

Приморска е новиот шампион на АБА2-лигата, откако словенечкиот тим и на гостински терен успеа да слави над МЗТ Скопје со 61-66, добивајќи ја финалната серија против македонскиот претставник со максимални 3-0 во победи. „Металците“ покажаа нешто подобра игра од првите две средби, но квалитетот беше на страната на гостите од Словенија, кои апсолутно заслужено се здобија со правото во следната сезона да играат во елитното регионално кошаркарско натпреварување.

МЗТ Скопје беше подобар противник во првата четвртина, „сино-белите“ за момент имаа и пет поени предност (12-7), а по десет минути игра резултатот гласеше 21-19 за македонскиот вицешампион. „Егал“ се играше се до 28-29 за Приморска во 16. минута, за потоа гостите како и на претходните средби во Словенија подобро да го финишираат полувремето и на одмор да заминат со предност од 34-39. Тоа беше само најава за доминантното издание на Приморска во вториот дел, во кој избраниците на тренерот Големац во 24. минута стигнаа до првото двоцифрено водство (34-44), а потоа умешно ја одржуваа позитивата, не дозволувајќи МЗТ посериозно да се доближи.

„Фемили Аеродром“ ги бодреше своите миленици и кога не им одеше, давајќи им сила за последен обид за камбек кон средината на последната четвртина. При резултат 53-58 Медфорд не погоди тројка, но зата на спротивната страна од далечина прецизен беше гостинскиот центар Јагодиќ – Куриџа. Вудард веднаш врати со тројка. „Металците“ имаа шанса да се вратат, но судијата не досуди фаул при шут за трјка на Вудард, а потоа санкционираше прекршок од Медфорд под рекетот. Тоа само уште повеќе ги мотивираше аеродромци, кои преку и Иванов успеаја да намалат на 61-62. Младиот Шишко погоди положување кога беше најважно за Приморска, на спротивната страна Медфорд беше блокиран, па МЗТ Скопје го загуби овој натпревар со конечни 61-66.

Бојиќ со 20 поени и осум скокови беше прв стрелец на МЗТ на оваа средба, Вудард постигна 18, а Иванов девет поени за македонскиот претставник.

Поразот во оваа финална серија не значи и губење на шансите за АБА1. МЗТ Скопје како второпласиран во АБА2 ќе игра бараж со Задар, во две добиени средби во кој предноста на домашниот терен ќе ја има хрватскиот тим како претпоследен од АБА1-лигата.

Се вчитува...