Рома и Милан одиграа без победник, 1-1, во првото дерби на ова 32. коло од италијанската „Серија А“, дуел со кој двата ривали му дадоа шанса на Интер да ги стигне на табелата. Регуларните 90 минути минаа во здодевен фудбал, но затоа суперинтересен беше финишот, најпрвин Рома поведе во судиското продолжение преку Абрахам, за Милан експресно да возврати и да спаси бод благодарение на Салемакерс.
Преголемото значење на натпреварот придонесе двата тима повеќе да размислуваат на сопствениот гол, па затоа и немаше премногу шанси за гол. Пелегрини имаше убава можност за Рома, но погоди еден од соиграчите, додека во вториот Салемакерс ја пропушти најубавата шанса за Рома, биејќи за малку непрецизно.
Се чинеше дека мечот ќе заврши без победник се до судиското продолжение, кога Рома тргна во една полуконтра, Абрахам одлично ја прими топката, втрча во шеснаесетникот и со одмерен удар го совлада немоќниот Мењан. На „Олимпико“ владееше еуфорија, но Милан покажа шампионски карактер, успевајќи да се врати и преку Салемакерс во 96. минута стигна до израмнување.
Рома и Милан остануваат на делба на четвртото и петтото место, сега со по 57 бода, три повеќе во однос на Интер кој утре го игра својот меч од оваа рунда, на домашен терен со Лацио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА