Привремен прекин: Премиер-лигата запира на 14 дена?!

Премиер-лигата би можела да биде привремено прекината откако клубовите од ден на ден пријавуваат се поголем број на заразени фудбалери од Премиер-лигата. Во Англија во текот на вчерашниот ден беа регистрирани рекорни 53.000 нови заболени лица од Covid-19, a имуни на новиот бран не останаа ниту клубовите од елитното фудбалско друштво.

Синоќешниот меч меѓу Евертон и Манчестер Сити не беше одигран поради пет позитивни случаи кај „граѓаните“, а денеска беше обелоденето дека позитивни играчи има и во Шефилд Јунајтед, но мечот на овој тим против Барнли ќе се одигра според планираното. Позитивен е и стратегот на Саутемптон, Салф Хасенхутл, кој нема да го води тимот на дуелот со Вест Хем.

Најновите тестирања покажаа дури 18 нови случаи меѓу премиерлигашите, а се стравува дека оваа бројка од ден на ден се повеќе ќе се зголемува. Поради ова, неколку клубови веќе ја иницирале идејата за привремен прекин, Премиер-лигата да биде запрена на 14 дена, во надеж дека ситуацијата во меѓувреме ќе се стабилизира. Според постојните правила, клубовите мораат да ги играат натпреварите доколку имаат најмалку 14 здрави фудбалери, но тоа не беше почитувано во случајот на Манчестер Сити, каде Гвардиола имаше ваков кворум, но дуелот сепак беше одложен.

Челниците на Премиер-лигата стравуваат од привремен прекин бидејќи тоа може да доведе до одолговлекување, а потоа и до можно одлагање на рестартот (доколку состојбата во државата не се стабилизира). Сепак, доколку состојбата дополнително се влоши, а се зголеми и бројот на позитивни фудбалери, прекинот многу лесно може да се официјализира на почетокот од 2021 година.

Се вчитува...