Проблем по проблем за Кјелце – се повреди и вториот Душебајев

Кјелце прескапо ја плати вчерашната победа во Шведска над Кристијанштад, откако полскиот првак остана без уште еден клучен ракометар во пресрет на последните битки во групната фаза од Лигата на шампионите. Станува збор за најдобриот играч на Кјелце, Алекс Душебајев, кој се повреди во првото полувреме од дуелот со Кристијанштад, по што повеќе не се врати на теренот.

Повеќе детали се очекуваат во следните 24 часа, но во Кјелце стравуваат дека повредата е сериозна и дека поранешниот играч на Вардар најмалку еден месец нема да му биде на располагање на стручниот штаб. Само за потсетување, Кјелце ионака е десеткуван по завршувањето на СП, откако Циндриќ се врати повреден и ќе мора да паузира уште дваесетина дена, додека повредата на коленото на братот на Алекс, Дани Душебајев, е многу сериозна и за младиот бек оваа сезона е предвреме завршена.

Ако на тоа се додадат и константните проблеми со повреди што ги влечат Мамиќ и Кулеш, а во меѓувреме извесен период недостигаше и капитенот Јурецки, јасно е зошто Кјелце игра „топло-ладно“ цела сезона.

Полскиот првак моментно се наоѓа на делба на третото место во групата во ЛШ, рамо до рамо со Веспрем, зад водечките Барелона и Вардар.

Се вчитува...