Пролет 30 минути се мачеше, па го растури Вардар јуниор

Пролетниот дел од сезоната во ракометната Супер-лига стартуваше со денешниот дуел меѓу Вардар јуниор и Пролет, во кој гостинската екипа со фуриозна игра во второто полувреме стигна до очекувана победа (21-32).

Фактот дека станува збор за прв меч по повеќемесечна пауза му создаде проблеми на тренерот Матлиески, чии ракометари делуваа заспано на теренот во првото полувреме. Младиот тим на „вардарци“ го искористи тоа и со максимално пожртвувана игра на одмор замина и со минимална предност од 13-12. Сепак, второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот, Пролет го отвори овој дел од мечот со серија од 5-1, го сврте резултатот во своја полза и потоа ја зголемуваше предноста до конечните „плус единаесет“.

Александар Василевски со седум гола беше прв стрелец во таборот на Пролет, еден помалку постигна Аларов, додека Стефан Крстевски со седум погодоци беше најдобар поединец во таборот на Вардар јуниор.

Се вчитува...