Пролет го најде лекот за Пелистер

Ракометарите на Пролет остварија значајна победа над Пелистер (30-28), во обид скопскиот клуб повторно исклучиво потпирајќи се на домашни играчи да се избори за излез во ракометна Европа. Денешната пресметка мина во израмнета борба во која битолчани имаа предност во поголем дел од натпреварот, но домашниот тим благодарение на фуриозниот финиш успеа да го сврти резултатот во своја полза и да стигне до голем триумф.

Битолчани подобро го отворија натпреварот и поведоа со 2-5 и 3-6. Како што одминуваше времето во првото полувреме, така и Пролет успеваше да влезе во ритам, па благодарение на Ролевски и на Џонов скопскиот клуб стигна до израмнети 12-12 по 30 минути игра. Второто полувреме повторно подобро го отворија гостите, кои поведоа со 12-15 откако Петковиќ се реши да го почне полувремето со „фластер“ на домашниот капитен Андоновски. Пролет влезе во ритам благодарение на лесни голови од брз центар, а штом профункционира одбраната домашните ракометари направија и целосен пресврт. Избраниците на Матлиески имаа најубедливи четири гола предност (30-26), но во последните три минути не успеаја да ја затресат мрежата на гостите и на крајот заслужено триумфираа.

Филип Ролевски со осум гола беше најефикасен во победничкиот тим, седум постигна Џонов, а шест Манасков, додека Кимевски беше одлочен на голот на Тинекс Пролет. Во таборот на Пелистер најефикасни беа Поповиќ со 11 и Поповски со шест погодоци.

Се вчитува...