Пролет го запечати плеј-офот, Охрид загуби од Пелистер

Ракометарите на Пролет го запечатија својот пласман во ракометниот плеј-оф откако вечерва славеа на домашен терен над Прилеп со резултат 40-24. Мечот беше решен уште во првото полувреме што домаќините го добија со 19-13, за во вториот дел да го торпедираат младиот гостински состав, кој претрпе уште еден двоцифрен пораз. Ролевски беше најефикасен кај Пролет со 11 гола, максимално мотивиран во дуелот со својот поранешен клуб.

Работник влегува во плејофот како првопласирана екипа, откако битолскиот клуб со убедлива победа ја заокружи успешната сезона  во Супер-лигата, славејќи над Вардар јуниор со 39-30. Клучната предност беше создадена уште во првото полувреме во кое битолчани постигнаа 24 гола (24-15), по што домашните ракометари рутински ја задржаа позитивата до самиот крај. Ѓукиќ беше прв стрелец на „фармацевтите“ од Битола со девет гола, два повеќе од репрезентативецот Крстевски.

Охрид и дефинитивно остана без место во елитата, завршувајќи ја Супер-лигата со пораз од 35-30 на гостувањето против Пелистер. Мечот во Битола беше израмнет се до десетина минути до крајот, кога „пелистерци“ додадоа гас и на крајот стигнаа до заслужена победа. Кобетиќ, Станојевиќ и Поповиќ беа најдобри поединци во таборот на Пелистер со по шест гола, а двојно повеќе од нив кај охриѓани постигна Крсте Андоноски.

Радовиш славеше на гостински терен против „фенерџијата“ Борец со 24-27, меч на кој Јован Ѓорѓиев беше најефикасен во победничкиот тим со десет погодоци.

Супер-лигата ќе биде заокружена со утрешниот натпревар меѓу Бутел и Струга.

Се вчитува...