Пролет не се откажува од сонот за Европа

Ракометарите на Пролет не се откажуваат од борбата за четвртото место кое значи и ново учество во европските купови. Скопскиот клуб кој се базира исклучиво на македонски ракометари моментно е петтопласиран, а за да го мине Бутел ќе му треба да освои најмалку еден бод во последните две кола (дома со Работник и на гостински терен со Пелистер), но и ракометарите на Бутел да ги загубат своите последни две средби.

Тренерот Матлиески во пресрет на денешниот дуел со Работник фаворитската улога очекувано му ја препушта на гостинскиот состав, но не ја крие надежта дека неговиот тим би можел да ги изненади битолчани, кои се сигурни на второто место на табелата.

„Еурофарм Работник е фаворит, тоа е екипа што прикажа одличен ракомет во досегашниот дел од сезоната. Составени се од 16 квалитетни ракометари и нема сериозен пад во нивната игра, делуваат цврсто во одбраната и смирено во нападот. Имаме респект за нив, но и доколку ни се укаже шанса за победа сигурно ќе ја искористиме. Трениравме добро во последните денови, подготвени сме за финишот од сезоната и верувам дека имаме квалитет за да освоиме бодови барем на еден од последните два меча, во кои ќе се сретнеме со ривали од Битола“ – истакнува тренерот Никола Матлиески.

Натпреварот меѓу Тинекс Пролет и Работник со кој се отвора претпоследното коло од плеј-офот се игра денеска со почеток во 19.30 часот.

Се вчитува...