Пролет немоќен против силниот Гранолјерс

ЕКИПА во Гранолјерс,

Стеван Цаневски

Ракометарите на Пролет загубија со 21-36 на првиот дуел од двомечот со шпански Гранолјерс во квалификациите за Лигата на Европа. Вториот меч на програмата е утре, но јасно е дека Гранолјерс ќе биде тимот што ќе се најде во следната квалификациска рунда.

Пролет имаше почетни водства од 1-0 и 2-1, но шпанкиот клуб набрзина ја презеде контролата над резултатот. Петте брзи гола во низа по грешките на македонскиот состав донесоа убедливо водство на Гранолјерс со 2-6, по што Доне Бошковски го побара првиот тајмаут на натпреварот. По тајмаутот Пролет реализираше неколку напади во серија, во ритам влезе и голманот Петковски, па негативата беше намалена на 6-8. Сепак, наместо да се продолжи во ист ритам се влезе во нов период на голема криза во нападот, не користејќи ја и серијата грешки на Гранолјерс. Ласко Андоновски даде два гола во серија, но шпанскиот состав знаеше како да ја одржи предноста и со гол од пенал во последната секунда замина на одмор со предност од 11-16.

Гранолјерс продолжи да доминира во второто полувреме, зголемувајќи ја предноста и покран неколкуте одлични интервенции на голманот Јане Цветковски, кој застана на голот на самиот почеток од вториот дел. Искусниот Пецаковски доби директен црвен картон откако при седмерец случајно го погоди во главата противничкиот голман. Шпанскиот тим знаеше како да го искористи тоа, постигнувајќи брзи голови и експресно кревајќи ја разликата на „плус десет“ (23-13). Новата серија грешки повторно беше жестоко казнета од противникот, кој поведе со 15-28, пред Бошковски повторно да побра тајмаут.

Остатокот од натпреварот беше рутина за ракометарите на Гранолјерс, кои без многу проблеми дополнително ја зголемија предноста до конечните 21-36.

Пејовиќ и Палевски беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет со по четири гола, по трипати реализираа Андоновски, Пецаковски и Голубовиќ.

Вториот напревар од двомечот меѓу Гранолјерс и Тинекс Пролет ќе се игра утре со почеток во 17.30 часот.

Се вчитува...