Пролет потпиша нов договор со капитенот Андоновски

Ласко Андоновски ќе продолжи да го носи дресот на Тинекс Пролет откако договори продолжување на соработката со скопскиот суперлигаш. Средниот бек одби неколку понуди од други екипи и потпиша нов договор со Пролет, потврдувајќи ја својата лојалност кон клубот каде ги мина претходните седум сезони.

„Не е тајна дека сум презадоволен од условите во клубот за кој настапувам долги години. Преговорите траеја кратко бидејќи наша заедничка желба беше соработката да продолжи. Се надевам на успешна сезона и борба за излез во европските купови“, истакна Андоновски по потписот на договорот.

Управата на Пролет не го крие задоволството по задржувањето на капитенот, најавувајќи дека во најскоро време ќе седне да преговара со уште неколку ракометари.

Андоновски е лидер на тимот неколку години наназад и секако дека сме пресреќни што тој ќе остане дел од Тинекс Пролет и во наредната сезона. Го задржавме костурот на екипата, покрај Ласко тука се уште и Ангелов, Аларов, Џонов, браќата Василевски и останатите кои понесоа голем дел од товарот во минатата сезона. Си заминаа само Мартин Поповски, кој има ангажман во странство и Мујиќ, со кого сме во контакт за евентуално враќање назад во нашиот клуб. Нема да брзаме, ќе почекаме уште најмалку петнаесетина дена, по што ќе повлечеме конкретни потези околу потенцијалните засилувања. Исто така, во следните денови ќе разговараме со уште неколку ракометари на кои им се истечени договорите за нивно останување во Тинес Пролет“, вели директорот на клубот, Сашо Огњеновски.

Се вчитува...