Промена од корен: Мрме сочува само еден „стартер“ од последниот меч со Летонија

Игор Ангеловски со своето доаѓање најави шанса за помладите фудбалери, го оствари тоа, но во секој случај изненадувачки делува фактот дека за само пет години тој целосно го промени ликот на нашиот национален тим, правејќи тотална смена на генерации.

Најдобар доказ за тоа е токму последниот дуел што Македонија го има одиграно со денешниот ривал Летонија, на 5 март 2014 година. Тоа беше селекторско деби на Бошко Ѓуровски на кое „црвено-жолтите“ славеа со 2-1 со головите на Костовски и на Агим Ибраими од пенал, а мечот останува запаметен и по најсмешниот автогол што нашиот национален тим си го има постигнато, оној на Даниел Георгиевски, кога со несмасна интервенција со левата нога нашиот десен бек го лобуваше голманот Пачовски.

Селекторот Ѓуровски тој натпревар го стартуваше со следните единаесетмина: Пачовски, Георгиевски, Попов, Шиков, Мојсов, Стјепановиќ, Мухамед Демири, Тричковски, Ибраими, Хасани и Костовски.

Во однос на тој меч минаа пет години, а од единаесетте стартери на Ѓуровски денеска во плановите на селекторот Ангеловски е само Хасани, кој повторно ќе биде дел од првиот тим. Од останатите единствено Тричковски е во комбинација, но нема да игра со Летонија поради повреда.

Се вчитува...