Промени во ракометот: ЛШ се намалува на 12 екипи

Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) денеска во јавноста ги претстави своите планови за промени во европските клупски натпреварувања за периодот што следи. Откако беше зголемен бројот на учесници на Европските првенства, сега челниците на ЕХФ се насочија кон клупските натпреварувања, во кои промените ќе стартуваат почнувајќи од 2020 година.

Во преден план тука е Лигата на шампиони за мажи, која ќе претрпи сериозни промени. Бројот на учесници од сегашните 28 ќе се намали само на 12, од кои осум ќе бидат шампионите на најдобрите осум земји во Европа (според ранкингот на ЕХФ), а останатите четири ќе бидат доделени на други клубови според критериуми што дополнително ќе бидат објавени. Со ова дефинитивно ќе биде ставен крај на германската доминација по бројност во елитното европско натпреварување, така што ниту една земја не би имала повеќе од две екипи во ЛШ.

Остатокот од тимовите би се натпреварувал во новоформираната Лига на Европа, која би броела 24 екипи. Тие ќе бидат поделени во четири групи од по шест екипи, од кои најдобрите четири во секоја група би се пласирале во осминафиналето, каде почнува нокаут натпреварувањето.

Промени ќе претрпи и Лигата на шампионите за жени, каде бројот на учесници ќе остане исто – 16, но наместо четири групи, од 2020 година тие ќе бидат сместени во две групи од по осум тимови. Притоа, најдобрите четири од секоја група ќе разигруваат меѓусебе во четвртфиналето, а победниците од овие двомечи ќе обезбедат место на фајналфор турнирот.

Се вчитува...