Пропуштена првата шанса за титула: Сити се врати од 0-2, па промаши пенал против Вест Хем

Манчестер Сити си ја искомпликува судбината во трката за титулата во Премиер-лигата откако „граѓаните“ одиграа 2-2 на гостувањето против Вест Хем. Актуелниот првак може да биде и задоволен од исходот со оглед на фактот дека по првото полувреме губеше со 2-0, но Пеп Гвардиола има за што да жали ако се знае дека во самиот финиш Сити промаши пенал што можеше да донесе три бода и џиновски чекор напред кон титулата.

Боувен беше главен играч во првото полувреме во кое офанзивниот играч за врска два пати им побегна на дефанзивците на Сити и го матираше Едерсон. Гостите се вратија со два среќни гола, првиот кога по ударот на Грилиш топката го закачи Досон и заврши во мрежата, и вториот кој всушност беше автогол на Куфал. Во финишот со ВАР беше досуден пенал за Манчестер Сити, но Фабијански го запре ударот на Марез, продолжувајќи ја трката за титулата. Доколку Ливерпул го добие својот меч од претпоследното коло, во вторник против Саутемптон, тогаш Сити за да стане шампион ќе мора да слави во својот последен меч, на домашен терен против Астон Вила.

Драматично до самиот крај ќе биде и во битката за опстанок, откако Лидс со гол во 91. минута остана непоразен против Брајтон (1-1). Страјк беше стрелец на голот за Лидс со кој поранешниот тим на Алиоски сега има бод повеќе од Барнли, но и меч повеќе во однос на овој директен ривал во борбата за опстанок.

Се вчитува...