Прва победа на младата репрезентација во квалификациите за ЕП (ВИДЕО)

Македонската млада репрезентација до 21 година, ја оствари првата победа во квалификациите за пласман на ЕП 2023 година. Избраниците на Драган Канатларовски беа подобри од Ерменија на гостувањето во Ереван со 1:2. Иницијативата во првиот дел ја крунисаа само со еден гол, иако имаа можности и за 2-3 гола, а во вториот дел постигнаа еден гол. На крајот Ерменците само успеаја да ублажат.

Натпреварот почна со иницијатива на Македонија и двојна шанса за Јован Манев. Најпрво ударот на стоперот го одбрани Нерсисјан, а потоа истиот играч по изведениот корнер со глава ја погоди стативата.

Следуваше голот на Ѓорѓиевски во 25. минута. Антовски упати нафрлена топка на 7-8 метри каде Ѓорѓиевски со глава погоди во мрежата на Ерменците. Потоа Ѓорѓиевски со уште две шанси, но непрецизно. Ерменија во првиот дел имаше една прилика, меѓутоа голманот Денковски беше на висина на задачата и одбрани.

Во вториот дел ерменскиот селектор се обиде со неколку замени да ја раздвижи екипата, но тоа не му поаѓаше никако. Македонија во одредени делови беше подобра од противникот, а во целина ја имаше топката во своите нозе. Како одминуваше времето, на Ерменците им се брзаше, па се случуваа и премногу грешки.

Главно заканите на Ерменија одеа од прекин, но безз опасности кон голот на Денковски.

Македонија мирно со кратки додавања ја чекаше шансата,  и ја дочека во 83. минута. По една долга акција најпрво долга топка кон десната страна, па кон средината, и асистенција на Лука Станковски до Максимов кој што излезе сам и погоди во голот за голема радост на Македонија

Григорјан во 90. минута користи една катастрофална реакција на нашата одбрана и намали на 1:2.

РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ДО 21 ГОДИНА

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023

ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА         1:2 (0:1)

Стадион: Фудбалска федерација на Ерменија во Ереван.

Судија: Сотиру (Кипар).

Стрелци: Григорјан 90’ (Е) – Ѓорѓиевски 25’, Максимов 83’ (М)

Ж. Картони: Шагојан, Мкртчјан, Агасарјан (Е) – Младеновски, Хајдари, Шеји (М).

ЕРМЕНИЈА: Нерсисјан, Симонјан, Агасарјан, Губасарјан, Галстјан (62’ Самсонјан), Мирзојан (52’ Петросјан), Мкртчјан (52’ Камојан), Кочканјан, Н. Григорјан (46’ Серобјан), Шагојан (71’ Алавердјан), М. Григорјан

МАКЕДОНИЈА: Денковски, Младеновски, Манев, Шеји, Хајдари (74’ Ѓурковски), Воша (67’ Скендери), Адем, Гроздановски, Антовски (82’ Максимов), Ѓорѓиевски (66’ Илиевски), Рустемовски (82’ Станковски).

 

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...