Прва победа за дебитантот Астраион, Младост Богданци подобар од Тиквеш

Дебитантот во Суперлигата Струмички Астраион во трилер натпревар стигна до првата победа во елитното натпреварување во историјата совладувајќи го Радовиш со минимални 34-33. Натпреварот почна израмнето и во текот на целото прво полувреме се играше гол за гол, по што на пауза домаќините заминаа со минимална предност од 14-13. Во второто полувреме струмичани во неколку наврати  имаа  предност и од плус четири 17-13 и 18-14, но гостите цело време успеваа да се вратат и да го одведат мечот во неизвесна завршница. Сепак ракометарите на Астраион во клучните моменти беа посконцентрирани и стигнаа до минимален триум од 34-33. Митко Караиванов е најдобриот ракометар во првото коло во Суперлигата откако постигна 15 гола и беше главен виновник за историската прва победа на клубот од Струмица, кај поразените 9 гола постигна Ивица Илиев.

Во вториот меч од терминот од 20:30 часот, Младост Богданци триумфираше над Тиквеш со 27-25. Домаќините подобро го отворија мечот и ја имаа предноста во текот на целото прво полувреме кое заврши 13-11. Во вториот дел гостите во неколку наврати водеа со плус еден. Сепак, во финишот Младост направи помалку грешки и тоа беше доволно за триумф од 27-25. Александар Лупашко беше прво име во победничкиот табор со 9 гола, додека кај поразените се истакна Вања Смиљаниќ со 8 гола.

Се вчитува...