Првата лига ќе се доигра со плеј-оф и плеј-аут БЕЗ ИСПАЃАЊЕ, следната сезона ПМФЛ со 14 екипи!

Сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига ќе биде доиграна преку плеј-оф и плеј-аут разигрување, без испаѓање на ниту една екипа, дознава ЕКИПА.

Македонските прволигаши денеска треба да одговорат до ФФМ кое од трите решенија го прифаќаат околу судбината на сезоната. Како што дознаваме, мнозинството од клубовите веќе се одлучиле за вториот предлог кој Управниот одбор на ФФМ треба само официјално да го потврди. Продолжувањето на сезоната ќе биде на 14. јуни.

Според тоа, сезоната 2019/2020 во Првата лига ќе биде завршена со одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија ќе биде со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања.

„Веројатно многумина ќе се запрашаат во делот од ова сценарио каде системот на натпреварување исто така содржи плеј-оф и плеј-аут фаза, но без испаѓање. Тоа го правиме од причина што во Куп натпреварувањето имаме екипи кои би можеле да се најдат во делот од плеј-аут фазата и заради одржување на натпреварувачки ритам би одиграле само три натпревари наместо предвидените шест. Календарот на натпревари ќе го усогласиме во зависност од мерките кои ќе важат на ниво на држава, но секако и од одлуката на Фудбалската федерација на Македонија за конечно решение за завршување на натпреварувачката сезона“ – истакна претходно претседателот на Комисијата за натпреварување при ФФМ, Игор Франговски.

Се очекува, исто така, Управниот одбор на ФФМ да донесе одлука и следната 2020/2021 сезона Првата македонска фудбалска лига да брои 14 екипи, со тоа што во елитното друштво би влегле првопласираните две екипи од двете второлигашки конкуренции а тоа се: Беласица и Брегалница од Истокот, и Пелистер и Скопје од Западот.

Се вчитува...