Првотимец на Челси ја напуштил самоизолацијата за да игра фудбал со другарите

Френк Лампард и челниците на Челси се бесни на Мејсон Маунт, откако овој првотимец на „сините“ го напуштил својот дом во периодот на самоизолација и заминал да игра мал фудбал со своите пријатели. Инцидентот се случил само неколку дена откако беше објавено дека Калум Хадсон Одои е заболен од Ковид-19 вирусот, по што на сите останати фудбалери и на членовите на стручниот штаб на Челси им беше јасно ставено до знаење дека не смеат да ги напуштат своите домови.

Токму затоа, во таборот на „сините“ се шокирани од односот на новопечениот англиски репрезентативец, кој минал повеќе од еден час играјќи фудбал со десетина пријатели, меѓу нив и првотимецот на Вест Хем, Деклан Рајс.

„Стигнаа со автомобил што го возеше Маунт. Играа пет на пет или шест на шест, а според она што го видов не користеа никаква заштита. Првото што го помислив дека Маунт е соиграч со Хадсон-Одои, за кого прочитавме дека е позитивен на коронавирус“, изјави сведок на настанот за весникот „Мирор“.

Мејсон Маунт сезонава одигра 41 средба за Челси во сите натпреварувања, притоа постигнувајќи шест гола и пет асистенции.

Се вчитува...