ПСЖ и Интер се договорија: Икарди останува „светец“

Мауро Икарди и во следната сезона ќе го носи дресот на ПСЖ откако францускиот првак конечно се договори околу целосното откупување на неговиот договор со Интер. Во договорот за едногодишната позајмица имаше клаузула за откуп во висина од 70 милиони евра, но „светците“ успеаја да ја спуштат оваа сума и да го договорат останувањето на Икарди на „Паркот на принцовите“.

Преговорите траеја неколку седмици, за на крајот Интер да ја прифати понудата од вкупно 60 милиони евра (55 милиони загарантирани и пет милиони преку неколку клаузули). Икарди веќе ги договори личните услови и ќе потпише договор на четири сезони, за плата од десет милиони евра годишно. Конкуренцијата за место во нападот на „светците“ значително ќе се намали со заминувањето на Кавани, а се очекува во текот на летово да се актуелизира и преселбата на Нејмар во Барселона.

Се уште останува дилемата дали Томас Тухел ќе биде тренер на ПСЖ и во следната сезона. Директорот Леонардо му даде поддршка на германскиот стратег, но проблем претставува незадоволството на клучните играчи како Нејмар, Мбапе, па дури и Икарди, кои во текот на сезоната влегоа во конфликт со Тухел. Доколку Германецот си замине, главен фаворит за нов тренер на „светците“ ќе биде екс-стратегот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

Се вчитува...