Пукна тиквата: Баерн ќе му даде „црвен картон“ на Садио Мане

Садио Мане требаше да биде суперзасилување за Баерн Минхен откако Сенегалецот минатото лето го напушти Ливерпул за да се пресели на „Алијанц Арена“. Десетина месеци подоцна, искусниот голгетер важи за огромно промашување на баварскиот гигант, откако неговата форма воопшто не ги оправда очекувањата, а Мане ги шокираше сите во клубот и со своето однесување, откако беше обелоденето дека по поразот од Манчестер Сити тој физички го нападнал соиграчот Лирој Сане.

Мане го удрил Сане и само реакцијата на соиграчите спречила уште посериозен инцидент, но оваа глупост скапо ќе го чини Сенегалецот. Информациите од Германија говорат дека сите фудбалери на Баерн се свртеле против Мане, оценувајќи го неговото однесување како недозволиво. Тухел ќе има полни раце работа да ја среди атмосферата во тимот кој се бори за титулата во Бундес-лигата, а голема е веројатноста дека Мане наредните натпревари ќе биде „закован“ за клупата за резерви.

Управата нема да застане тука, на Сенегалецот ќе му следи и сериозна финансиска казна, а германските медиуми најавуваат дека сериозно се разгледува и можноста тој да добие „црвен картон“ и да си замине од Баерн на крајот од сезонава. Искусниот голгетер не ги оправда очекувањата како играч, а сега кога негативно влијае и врз атмосферата во екипата баварците сакаат да го продадат и да вратат голем дел од вложените пари (35 милиони евра).

Се вчитува...