Се е подготвено за стартот на новата кошаркарска сезона предвиден за викендов, во која Работнички речиси сигурно ќе мора да настапи без странските кошаркари кои нема да можат да бидат регистрирани поради БАТ забраните кон најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Долговите се големи, па така Работнички има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“. Истата бројка беше и пред речиси цел месец, а фактот дека управата не успева да најде начин за исплата или спогодба е јасен предзнак дека чудо во последните дена пред стартот на сезоната и чистење на финансискиот хаос е невозможна мисија.
На листата на БАТ-забрани на ФИБА од македонските клубови се наоѓа уште второлигашот Шкупи со еден случај против него, исто толку има и ЖКК Баскет Кам, а меѓу должнниците од декември 2023 се наоѓа и КК Куманово 2009, клуб што во меѓувреме за жал исчезна од картата на мак-баскетот.
Како што стојат работите во моментов, Работнички во дербито на првото коло против Пелистер ќе мора да настапи исклучиво со домашни играчи, што сериозно ќе ги намали шансите за позитивен резултат на оваа средба.

Останува да се види дали и кога „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови пред БАТ-судот на арбитража на ФИБА… а во меѓувреме тренерот Мирковски ќе се соочи со огромен проблем и настап со преполовена екипа (која ќе мора да се дополни со играчи од младинските категории на „центарци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

